Сонувани и будни песни

„Сонувани и будни песни“ (издание на Кликер, 2017), најновата книга поезија на Владимир Мартиновски (1974) е поделена на два дела: Сонувани песни (Сонијада) и Будни песни (Будисеја), сите напишани за време на студискиот престој на авторот во Ајова, од август до ноември 2017 година. Двата циклуса содржат по 24 песни, куси, рефлексивни и сликовни, со што авторот останал верен на својот стил кој секогаш се движи некаде долж границата на хаикуто. Напишана далеку од дома, во друга временска зона, оваа збирка во поднасловите носи една јасна алузија на Илијадата и Одисејата, т.е. на долгото отсуство од дома и уште подолгиот пат назад. Поезијата овде живее некаде на границата меѓу сонот и јавето, во нивните преклопувања и прелевања. Флуидноста на сонот и јавето е она со што поетот си подигрува, релативизирајќи го мигот на будењето како исчекор во реалноста.Sonuvani i budni pesni

Во првиот дел, сонуваното го најавува јавето – луѓето од сонот се појавуваат и на јаве, знаците од сонот твинпиковски се мешаат, тие се симболите кои треба да се прочитаат за да се разрешат загатките од стварноста. Во ова интензивно сонувањесе навестува осаменоста на поетот далеку од дома, таму во непознатите соби, во непознатите градови, далеку од сликите од детството и од пријателот кој во меѓувреме починал.

Во вториот дел, во будните песни, поетот ја користи трансформацијата како лајт-мотив, т.е. кафкијански, будењето во поинаква реалснот. Песните се покуси, но подеднакво моќни во пренесувањето на сликите и емоциите. Соништата од првиот дел избледуваат на патот кон дома, а поетот се враќа инаков, зашто „на пат побрзо се старее“. По долгите месеци „спиење во различни хотелски легла“, како и музичарот од неговата песна бр. 21, поетот го слуша „шумот на дома“. Иако збирката, очекувано, според локацијата на своето создавање, е двојазична (на македонски и на англиски), македонскиот јазик останува првичниот дом на поетот, на кого грб со грб, нопачно се залепил англискиот превод на Милан Дамјаноски.

Елизабета Баковска

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s