Редок спој на урбаното, уметничкото и умственото (кон книгата „Ехо на слободата“ од Ана Јовковска, Скопје: Три, 2018)

Ana Jovkovska

Публиката добро ја познава Ана Јовковска и деталите од нејзината повеќе од 20-годишна медиумска кариера на новинарка, колумнистка, ТВ водителка, продуцентка и лицe за односи со јавност – следејќи ја преку малите екрани трансформацијата на слаткото девојченце во модерна и посветена млада жена од која сè уште ѕирка истата детско-искрена насмевка. Сакам да верувам дека покрај нејзините професионални успеси, барем уште толку ги цениме и нејзината општествена одговорност и нејзините хумани и активистички ангажмани, нејзината континуирана борба за човекови права, слобода на говор, родова еднаквост, социјална инклузија, здрава животна средина, права на животни и друго. Веројатно на многумина од нас ни е тешко да одлучиме дали повеќе сакаме да ја гледаме или да ја читаме, дали сме поголеми фанови на Пулс или на Портрет, дали повеќе нè импресионира со своето мислечко вникнување во суштината на нештата, со топлиот човечки пристап кон соговорниците или пак со темелно подготвените и елоквентно формулирани прашања, дали повеќе ја цениме нејзината верба во доброто и луѓето или нејзиното сонување за некој подобар свет до кој ќе стигнеме на велосипед, дали повеќе нè освојува со нејзините шарени панталони или со екстравагантниот накит? Но, независно од изборот или напротив, токму затоа што има толку многу нешта со кои Ана Јовковска се надвишува над толпата, трасира свој уникатен пат и остава силен печат во сите сегменти во кои живее, твори и љуби, и нејзините дела се такви какви што се, каква што е впрочем и самата таа – шармантни, искрени, длабоки, прогресивни, ослободени од стеги и крути конвенции… Па кај неа никогаш нема да сретнете некое тривијално прашање од типот „Кој е вашиот следен проект?“ туку ќе добиете цитат од Киркегор на пр. во кој вели „Колку се апсурдни луѓето, никогаш не ги користат слободите што ги имаат, туку ги бараат оние што ги немаат. Имаат слобода на мисла, а бараат слобода на говор“, за дискретно да ве наведе кон размислата за тоа „Што е за вас слобо­дата?“

И токму слободата е идејата водилка и на целата книга насловена „Ехо на слободата“. Како што вели и самата во Предговорот „Гласовите на моите соговорници, луѓе од разни професии, возрасти и националности, како и со различни светогледи, во оваа книга сите заедно потпишани под зборот ЧОВЕК, се ехо на слободата на едно време.” (Јовковска, 2018) Станува збор за навистина импресивна листа на некои од навлијателните личности кои ја обележуваат културната историја на современа Македонија, заедно со некои од големите светски икони на литературата и филмот. Мене лично, уште поимпресивни ми се сите загатнати теми и дилеми во неверојатен опсег од најопштото кон најинтимното, од глобалните социо-културни феномени на денешнината до автентичните мириси на дебармаалските улички, вешто проткаени со професионалните предизвици и личните дилеми на секој од овие избрани 30-мина, но веројатно највеќе на самата авторка.

Да почнеме со ред, најпрвин Јовковска го провоцира францускиот интелектуален шармер, писателот Фредерик Бегбеде да говори за демократијата како заведување и за стравот од смртта, па нашата писателска ѕвезда Румена Бужаровска за цинизмот, осаменоста и машко-женските релации, а Бранко Николов од „Фолтин“ за уметноста во времето на чумата. Продолжува со Јелена Јованова за животот во куфери и љубовта како избор, брилијантниот Раде Шербеџија за неговото левичарство и шапката како симбол на боемскиот живот и дисидентско-бунтовниот имиџ и Амернис Нокшиќи-Јовановска за јазичните бариери и инстант културата. Срѓан Јанакиевиќ ѝ говори за заробеното Скопје и светот како глобален бордел, Вера Милошевска од „Љубојна“ за македонската поезија и фолклорната орнаментика, а британскиот амбасадор Чарлс Гарет за ранливите точки во општеството, за домот и за Дејвид Боуви. Прославената европска ѕвезда Изабел Ипер ѝ раскажува на Јовковска за француската кинематографија наспроти холивудската агресивност, за квалитетните филмови и добрите режисери, Иво Трајков за Прага и односот на уметноста и духовното, Софија Куновска за транзициската чекалница и мирисите на градот, а Кристи Пују за вистината во малите нешта и уметничката претенциозност. Следуваат кореографката Рисима Рисимкин и нејзините ставови за оптимизмот и поместувањето на границите, амбасадорот Вилем Паутер Пломп за европскиот дух и кохезијата во македонското општество, Дејан Лилиќ за паралелните светови и духовните врвови, отец Пимен за трпението и човекот денес, а Луиза Винтон за женската емпатија и таеквондото. Политичкиот аналитичар Суад Мисини го наведува кон темите на Европа како сон и кока-кола генерацијата, Дарко Лешоски за општествените гротески и силувањето на љубовта, а Сашко Коцев за Дон Жуан, но и за национализмот како опасна играчка. Потоа доаѓа Петрит Сарачини – Мра, кој гласно размислува за мирот и точките што нè спојуваат, Арна Шијак за калапите во општеството и езотеричните движења, а Златко Ориѓански за Бог и постмодерната. Академик Катица Ќулафкова говори за писателите, за астрологијата и слободарскиот ум, додека министерот за култура Роберт Алаѓозовски за лажниот морал, личните оази на мир и креативниот ум. Ѓунер Исмаил доминантно се задржува на слепите точки во нашето мултикултурно општество и концептот на солидарност, Евгенија Теодосиевска на манипулацијата на филмското платно и папочната врска меѓу политиката и уметноста, Љубомир Цуцуловски на збогувањето со интелектуалците и конечно, Билјана Гарванлиева го затвора кругот со своите размисли за Орвел, индивидуалноста и жените шивачки од Штип. Покрај сето ова, на страниците на оваа книга на Јовковска ги има и Андриќ, Рембрант, Бекет, Бетовен и Ганди, има многу литература, музика и филм, има малку животна филозофија, многу локален менталитет и уште повеќе глобални контексти, има човечки судбини и слободни асоцијации, има копање по менталните бразди и фаќање во костец со вистината, има љубов, емпатија, има радост во секој збор. Резултатот е редок спој на урбаното, уметничкото и умственото. И затоа, објавување на овие интервјуа во ваква публицистичка книга го сметаме за особено значајно, како еден вид сведоштво за современото македонско општество во едно конкретно време, кое е потребно да остане трајно забележано во културната архива на Македонија.

На крајот, да истакнеме и дека книгата е технички уредена феноменално, со воведни зборови на Јовковска за секој од интервјуираните, придружено со добра фотографија, со допадлив современ дизајн и со извонредна корица направена од уметникот Ване Костуранов, за што комплименти одат кон сите инволвирани во изработката и кон Издавачкиот центар „Три“ од Скопје.

Ана Мартиноска

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s