Моменти на радост преточени во музика

КАБАДАЈАС – „Од понеделник…“

продукција 3Гонга / Скопје

По цели шест години од деби објавата „IV“, КАБАДАЈАС еве ги со следбеникот, со албумот насловен како „Од понеделник…“. И, ако на IV“ Џоле Максимовски, Дино Милосављевиќ, Зоран Костадиновски и Горан Бојчевски на виделина ја извадија својата потреба мудро да ги вкрстат евидентното свирачко искуство и стремежот за експеримент на едно широко поле, од етно звуците, преку џезот, фанкот, та дури и на моменти со класичната музика, актуелниот албум е дефинитивно една многу поразлична приказна. Порелаксирана, ако милувате.

Kabadaja

„Од понеделник…“ не само што неминовно ги содржи сите постулати на кои е настанат неговиот претходник, искреноста, енергијата, умешноста… посветеноста, туку е и показ за тоа како сето тоа може да ја има неопходната нитка на неодолива допадливост. Станува збор за албум што освојува на прва топка, ви се пика под кожа и неминовно ве тера што почесто да му се навраќате. Да го дегустирате во која било прилика – рано наутро со првото утринско кафе, како фон на мрзливото попладне или длабоко во осамата на ноќта. И, така одново и одново…

Не е тоа стилски правена плоча – да им се бендиса на оние што слушаат џез, или можеби поп… или нешто помеѓу… и така со ред. Ниту нејзината инстантна допадливост подразбира лигавост. Напротив. Овде, басистот Максимовски, тапанарот Милосављевиќ и гитаристот Костадиновски, без кларинетистот Бојчевски кој живее и твори во Словенија, сопственото видување на нештата потпрено на искуствата (АЛШАР, АРХАНГЕЛ, АНАСТАСИЈА, СЕ, МОЗАИК, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО, Кирил Џајковски, ТЕМПЕРА… листата е предолга) го искористиле да создадат музика која веројатно милуваат и самите да ја слушаат. Притоа, потпирајќи се на исправното размислување за отвореност на концептот на делување, се опкружиле со бројни пријатели (пејачките Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска Трајкоска, Павле Васиљевиќ – клавир и програмирање), кои, секој со сопствениот сензибилитет и од свој агол, им помогнале во финалната реализација на овие 30-на минути музика. Музики кои отвораат бројни порти, го бараат ритамот на животот во секого од нас и цртаат насмевки на лицата. Просто и едноставно.

Kabadaja 2

Притоа независно дали свири воведната „Понекогаш во 6“, „Скопиљ“, хит баладата „Летаме“ (одлична изведба на Јовановска Трајкоска), „Зима“… или нивната верзија на македонската џез-рок класика „Средба“ од групата ПАСКВЕЛИЈА чиј автор е исклучителниот џез пијанист Драгиша Солдатовиќ Лабиш, а овде умно насловена како „Втора средба“… или можеби завршната „New Doze“ во која во фокусот е мајсторијата на еден од најзначајните светски басисти Тони Левин, кого патем неодамна го видовме и чувме во Скопје.

Едноставно, ова е музика во која не само што одекнува ехото на препознатливоста од некои историски музички времиња и жанрови, туку, што е поважно, таа заведува со ритмот на сегашноста. Ги има обичноста, пулсот и ритамот на времево во кое живееме. А тоа, верувајте, не е малку.

 

Љупчо Јолевски
Фотографии: Влатко Чоле Чачоровски

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s