Поетска ерупција на копнежи и бои

Кон изложбата „Огнена земја“ на Емил Шулајковски во галерија „Прозор“ Белград, 13 март 2018

 

Можеби уметноста не може да го промени светот, но сигурно може да ја промени нашата перцепција за тој свет, да ѝ додаде малку боја на сивата реалност, да ја претопи горчината на секојдневието во топла, еруптивна емоција, да ја пресоздаде тривијалноста на животот во страсна и непоколеблива потрага по убавината на мигот. Овие мисли се првите импулси што ги добив при средбата со најновите дела на македонскиот сликар Емил Шулајковски, кој со речиси поетска магија ги бои своите апстрактни фигурации кои во себе кријат разни таинствени облици и копнежливи соништа од авторовиот свет – шумски духови, црвени змејови, ѕвездени ноќи и летни игри.

Белградската изложба на Шулајковски го содржи циклусот слики насловен како „Огнена земја“, кој директно се надоврзува на концептот на истоимената изложба одржана во галеријата КИЦ во Скопјево во април 2017, со која тој го одбележа јубилејот 25 години ликовно творештво. Во „Прозор“ публиката може да види24 слики изработени во маслена техника, создадени во последните неколку години, дел од нив излезени од сликарското ателје на Шулајковски во изминатите месец-два и за првпат претставени пред окото на јавноста.

Критиката главно ги подведува овие дела под поимот апстрактен експресионизам. Тоа говори дека визуелната привлечност на овие асоцијативни и хармонични целини не лежи во откривањето некоја конкретна тема или мотив, сеедно дали е тоа црвен петел, букет, одблесок или некоја чудна шума, туку напротив, во една слободна интерпретација на мислите и чувствата кои нè обземаат при средбата со експлозијата на бои и тонови на овие слики. Од нив блика интензитетот на една оригинална авторска сила, која нуди илузија на синестетска опипливост на енергијата со која Емил ги пресоздава на платно просторите на својата душа. Тоа воведување и на интимните љубовни и на митско-симболичките асоцијации во своите слики тој го прави толку дискретно, што иако рационално не секогаш сме стопроцентно сигурни во неговите навестувања, сепак сетилно тие создаваат нагласен ефект на потполна доверба и споделена комуникација со авторот, но истовремено и допир со сопствените, најдлабоки, фундаментални мисли и чувства.

Се чини како овие слики на Шулајковски да го преточуваат сето негово битие во нова форма, како да сведочат за сите негови внатрешни ‘рвeња со сопствениот карактер, талент и уметност која ја носи во гените како семејно наследство, како да ги спојуваат сите крајности на неговата впечатлива, корпулентна фигура наспроти кроткоста во гласот, момчешката насмевка и сент-егзиперовската филозофија на малиот принц пресликана во животот. Тој наводен контраст е видлив во густите слоеви на топлиот, доминантно црвено-сино-жолто-зелен колорит кој зрачи со темперамент и страст, истовремено суптилно сугерирајќи нежни лирски чувства и слободни асоцијации за острови, крстопати, тајни и сирени, за црни торнада и жешки средби, за богот на ветрот и белградската бура… И сите тие фантазми како да се нераскинлив дел од некоја негов аземја „на предели, човекови комуникации, лични судбини, љубовни средби, едноставно, замислена земја во која би сакал да живеам.“[1]

А што може еден обичен вљубеник во уметноста да посака освен отворена покана да влезе во чевлите на уметникот и барем накусо да прошета низ неговиот имагинативен свет? Уживајте во ова огнено патување по бајковитата шулајковска земја!

Ана Мартиноска

 

 

[1] https://www.mkd.mk/kultura/likovna-umetnostпо/emil-shulajkovski-ognena-zemja-e-mojata-zamislena-zemja-vo-koja-bi-sakal-da

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s