Кон „Фразеологија на македонскиот говор во Дебар и Дебарско – втор дел“

Debar i debarsko

Трудот Фразеологија на македонскиот говор во Дебар и Дебарско, Втор дел (поговорки, клетви, зборови и други фрази кои се употребуваат кај Македонците во Дебар и Дебарско на авторот Филип Василевски е продолжение и надополнување на неговата истонасловена книга од 2015 година. Авторот на овие две книги по формално образование не е лингвист, па и самиот кажува дека материјалот што го претставува во ова дело „не е разработен во неговата вообичаена стручна форма“, додавајќи дека тоа впрочем, не му ни била целта. Меѓутоа, прво и над сè, мора да се каже дека овие два труда се скапоцен придонес за македонистиката како наука за македонскиот јазик и за македонската дијалектологија, преку директно збогатување на забележаниот (запишаниот) корпус македонски зборови, поговорки, клетви и други јазични изрази.

Интересно е што овој труд се однесува на една територија која се простира околу граничен простор, опфаќајќи ги македонските говори во она што денеска географски претставува Република Македонија, но не ограничувајќи се само на неа, туку покривајќи ги и македонските говори кои постоеле и во помала мерка сè уште постојат и од онаа страна на границата, во денешна Република Албанија. Оддалечувајќи се така географски од централните македонски наречја, од она што уште Мисирков го трасирал како јадро на македонскиот литературен јазик, а го потврдила Третата јазична комисија во 1945 година, на читателот може да му се причини дека авторот се занимава со периферните манифестации на говорниот јазик. Притоа, би се очекувало, поради блискоста на границата, која не е само географска, туку и етничка и историска, македонските говори кои авторот овде ни ги прикажува, да претрпеле неизбежни влијанија од соседните јазици, да попримиле малку инаква јазична боја при тоа постојано триење на јазиците еден од друг. Меѓутоа, прочитот на трудот, освен повремениот архаичен вкус на турцизмите, открива еден дрочен, богат и сочуван македонски јазик, кој кажува многу за автохтоната мисла на неговите говорители. Така, гледаме дека периферијата е само привид, таа во суштина гравитира, се стреми кон центарот, влечена од јадрото на јазикот и народот, во кохезијата на едното и заедничкото.

Темниот вокал, тој глас незабележан од македонската азбука тврдоглаво се топори низ книгата во просторот под апострофот. Истата упорност ја пројавува и наставката -т кај глаголите во трето лице еднина, врзувајќи ги овие говори за нивното пошироко семејство западномакедонски дијалекти. Поговорките, клетвите, благословите, самозаколнувањата одат и многу подалеку и подлабоко од лингивистички и фразеолошки запис – тие се и архивирање на битот и филозофијата на живеењето на ова население низ историјата.

Кажувајќи погоре дека авторот не е лингвист по формално образование, ами вљубеник во јазикот и културата на своето поднебје, мора да се спомене и дека тој на својот подвиг му пристапил со сериозност која не е ни малку помала од онаа на школуваните лингвисти. Со еден маркоцепенковски елан тој нè потсетува на суштинската улога на собирачите и запишувачите во зачувувањето и негувањето на еден јазик и една култура. Токму ентузијазмот на поединците „од народот“ како Василевски е потсетник за академскиот свет дека секогаш може и мора да се направи повеќе за својот јазик, за тоа суштинско битие во кое домува секој народ. За нас дебраните по потекло, оваа книга има и дополнителна вредност, зашто од неа зборуваат и гласовите на нашите предци, за да нè потсетат кои сме и од каде сме навистина. Поради сето ова, таа е труд кој човек не само што треба да го прочита, туку и постојано да му се навраќа.

 

Елизабета Баковска

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s