Гротескни раскази за заталканото човештво и заробените души (Кон „Чист хероин“ од Дејан Крстески, Скопје: ПНВ Публикации, 2018.)

korica

Дејан Крстески го познавам речиси 15-тина години. Го запознав како студент на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Државниот Универзитет во Тетово, каде му предавав неколку предмети од областа на книжевноста. Дејан беше еден од оние кои полека, тивко и ненаметливо, но сепак доволно гласно и сигурно успеваше да ја покаже својата деликатна природа и својот автентичен интерес за литературата. Уште живо се сеќавам на нашите часови на кои дебатиравме за книгите кои ги читавме и за спецификите на жанрите во литературата, од кои можев да го насетам неговиот афинитет кон убавите зборови, раскошните емоции и виталните животни прашања.

Многу години подоцна, го запознав Дејан и како поет. Неговата збирка песни „Луѓе без лице“ ја оценив како прекрасен пример за естетика ставена во функција на филозофијата и психологијата. Од неа извираше неговото лично разбирање на светот, неговите интимни искуства и преиспитувања на вистината, судбината, вечноста и осаменоста. Крстески пее за исклучително комплексни теми, но со извесна едноставност и јасност во изразот, со отвореност и комуникативност кои се испреплетуваат во еден чудесен амалгам на креативност и критичност, на артистичкото и промислувачкото.

Неодамна го имав задоволството да го запознаам и како прозен автор (иако тоа е исклучиво моја вина, бидејќи Крстески проза објавувал и порано, да потсетиме на неговата прва збирка раскази „Поглед кон небото“). И во таа проза повторно го сретнав истиот Дејан, само малку позрел и посамосвоен.

Станува збор за книгата насловена како „Чист хероин“ објавена неодамна од ПНВ Публикации од Скопје. Составена е од 40-тина куси раскази, кои слободно можеме да ги наречеме и одломки, исечоци од животот овде и сега. Во нив ги има празните улици и тескобата на градот, лебарките во болниците, дупките во калдрмите, смрдеата на јавните тоалети и душевните болници, ситните души заборавени на наплатните пунктови со јажиња околу вратот… Во нив е потзаскриена и љубовта како кафез и цивилизациска измама, храмот како дом на лицемерието и религијата како штит на слабите. Таму се ирационалните луѓе, и инаетливите, и пркосните, и осамените, а највеќе маргинализираните, несфатените, неправедно осудените и озборуваните, полумртвите затвореници во сопствените домови и животи…

Очигледно Дејан го опседнуваат темите за минливоста на времето и животот како чекање на смртта, дарбата како проклетство, егоизмот на луѓето денес, насилството од навидум банални причини (но всушност поради товарот на секојдневието), гневот, лутината, радоста, стравот и тагата и нивната постојана битка во душата на човекот, човештвото заталкано некаде помеѓу хедонизмот и безчувствителноста, совеста и сите други магионичарски трикови преку кои ја изведува својата потрага по смислата на животот. Наместа со речиси фантастични елементи и некое надреално лебдење меѓу сонот и јавето, но всушност секогаш со еден суров приказ на реалноста без разубавување, со сета нејзина мрачна страна, со сите горливи проблеми на човекот и човештвото денес.

Крстески не ги затвора очите пред вистината, па исцртува навистина минуциозни, хируршки прецизни согледувања на апсурдноста и гротескноста на светот што не опкружува. Истовремено, тој прави и длабоки интроспективни анализи на менталните и душевни состојби како растроеноста, лудоста, себичноста, тагата… На тој начин прави извесен спој на неговите две вокации – литературата и психологијата, па низ своите раскази продолжува да длаби по своите лични преокупации кои ги сретнавме и во неговите претходни дела и на извесен начин нè пушта уште повнатре во неговата интима и неговиот светоглед.

Она што е можеби новина во изразот е тоа што во оваа збирка Крстески делува поопуштен во формулациите, послободен во мислата, похрабар во наместа свесната тенденција да шокира со напишаното. Веројатно во тој контекст е избран и самиот наслов на збирката „Чист хероин“, кој тематски директно се врзува само со последниот расказ, но може да биде парадигматичен и за севкупната атмосфера и перцепција на времето во кое живееме, а кое, според авторот, е хаотично и бесмислено. Токму затоа и веруваме дека и покрај доминантно мрачната приказна која ја слика Крстески, а која напати може да создаде горчлив вкус кај читателите, збирката претставува инспиративно четиво, замислено со цел да ја испровоцира реакцијата на публиката против тој и таков свет кој го обеспокојува авторот, а во насока на некој подобар, похуман, посреќен…

Со таква оптимистичка порака сакам да го завршам ова промотивно обраќање, посакувајќи му на Дејан никогаш да не престане да верува во моќта на литературата да го менува светот!

 

Ана Мартиноска

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s