Накусо за кусите „Корици од камфор“ на Рената Јамбрешиќ Кирин (Блесок, 2017)

корици-од-камфор

Седумдесетината есеи собрани во книгата Корици од камфор (добитник на наградата за најдобро книжевно-есеистичко дело на хрватскиот ПЕН центар, македонско издание на Блесок, 2017, во превод на Лавинија Шувака) се поделени во седум поглавја: Небесни витези, Апсолутни другарки, Корици од камфор, Домот и светот, Студиум и отиум, Светот на ситните суштества и Некултурни растенија. Напишани како книжевни минијатури, овие куси текстови само на моменти можат да се подведат под она што традиционално се подразбира како есеј: текст во кој авторот застапува и елаборира некое свое мислење за одредена тема.

Често, овие текстови се забелешки на авторката за војната, траумата и примирјето (теми на кои таа се навраќа и во други свои трудови). Некои од нив се приказнички-анегдоти за настани од животот на писателите (хрватски, поранешно-југословенски, светски, нејзе блиски): Кафка, Гинтер Грас, Махмуд Дервиш, Клод Леви-Строс… Тука се откриваат и не многу познати приказни и врски од нивните животи, како онаа за познанството меѓу Сигмунд Фројд и Ивана Брлиќ-Мажураниќ, или пак онаа за инсистирањето на Гајатри Спивак секогаш да патува со деловна класа.

Се разбира, Јамбрешиќ Кирин (феминистичка теоретичарка и истражувач на загрепскиот Институтот за етнологија и фолклор) зборува и на феминистички теми: отфрлањето на корсетот како моден диктат, но и како чекор напред во еманципацијата на жената; мировните активистки во предвечерјето на Првата светска војна; но и за некои историски женски ликови преку асоцијации со популарната култура (како култната серија Ало, ало).

Мојот прочит на оваа книга заврши со две подвиткани страници. Првата е онаа на есејот Градините на Валтер Бенџамин, во кој под насловот стои извадок од книгата The Arcades Project од овој автор (англиско издание на Harvard College од 1999, на цели 1122 страници). Книгава на Бенџамин до која ме донесе Јамбрешиќ Кирин (а која допрва ќе ја читам) е негово тринасетгодишно истражување на пасажите на Париз. Оној извадок под насловот, гласи: „Дали јас сум тој кој се вика В.Б.? Или едноставно ме викаат В.Б.? Тоа, всушност, е прашање кое води до тајната на личното име, а многу добро е формулирано во постхумниот фрагмент на Х. Унгар: Дали името ни е дадено нам или ние сме му дадени на името?“

Втората подвиткана страница е онаа на текстот насловен Адам, посветен не на библискиот прв маж, туку на полскиот поет Адам Загајевски, годинешниот добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Текстот кој навестува дека Јамбрешиќ Кирин го слушала Загајевски во Атина, среде граѓански немири и полициски интервенции, вели дека овој поет има „скромност и префинетост, плашливост и пресретливост“ кои се „граѓански анахрони“, но се чини дека тогаш, на тоа читање, преводот на грчки им додал некој моќен активизам, зашто „питомиот глас на Адам Загајевски ги врежува шушкавите полски затвореници во мраморната атинска ноќ“. Ќе го слушам за некој ден, да слушнам каква сила на неговите стихови ќе им вдахне македонскиот превод, во Струга.

Елизабета Баковска

 

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s