Творечки дијалози со македонските поети од различни генерации и поетски традиции (Промотивна реч за книгата „Поетски (ре)визии (Студии, огледи и осврти за поезијата)“ од Владимир Мартиновски, Скопје: Магор, 2018)

Vladimir Martinovski

Секоја нова книга на Владимир Мартиновски (1974) ја доживувам како еден мал празник за вљубениците во книжевноста. Свеченоста на моментот е уште поголема кога тој мал празник се совпаѓа со еден голем јубилеј. Имено, книгата „Поетски (ре)визии“ е осма книжевно-теориска студија на авторот, но ако кон овој број ги додадеме и неговите книги поезија и хаибуни, заокружуваме на бројката 20, која, мораме да признаеме, е импресивна, особено со оглед на неговата возраст и временскиот распон од само 15 години од првата објава до денес.

Дваесетката несомнено ни кажува многу за Мартиновски како ретко плоден автор, вреден и посветен пишувач и на поезија и на компаративни анализи на поезијата, овенчан поет и високо признаен критичар, „витез на македонскиот пишан збор“. Сите ние кои сме почестени да го познаваме лично, знаеме дека тој е подеднакво неуморен и во сѐ друго што прави во животот, во пасионираноста кон професорската мисија и пренесувањето на знаења на студентите, во учествата на недобројни конференции, фестивали, промоции, поетски вечери и слични настани, во следењето на уметничкиот ритам и општествениот пулс на Скопје, во граѓанскиот активизам, во сликањето и музицирањето на различни дувачки и жичани народни инструменти, во ентузијазмот кон спортот, планините и патувањата низ светот, и тоа со еднаква жар, сеедно дали е на некоја егзотична дестинација, во градот кој никогаш не спие или во нашето Крушево. И сето тоа како да е нешто најприродно и најлесно на светот, како никогаш да не брза никаде, како да го има сето време и трпение на светов, како да нема други обврски или гајлиња… Никогаш нема да забележите дека нешто прави со мака, токму спротивно, секоја негова активност е проследена со смирен тон и топла, искрена насмевка, со целосна предаденост и должно внимание кон секој миг и кон секој човек со кој му се вкрстиле патиштата низ сите негови животни авантури. Ретко, посебно, во денешно време дури – неверојатно!

Е токму заради тоа што Владимир ги поместува границите на нашите очекувања од луѓето и ги прави најтешко замисливите работи да изгледаат пердув лесни, е токму затоа не одолеав на искушението да не го доведам во корелација со она за што пишува во својот прв текст од книгата која овде ја промовираме – со концептот на калогатија и античкиот идеал на homo universalis, иако знам дека неговата скромност тивко ќе се побуни на ваквата споредба. Универзалниот човек или полимат е во хармонија меѓу доброто и убавото, бескрајно плодотворен, сестран, компетентен зналец на различни научни и општествени полиња. Како што вели самиот Мартиновски, под овие поими „се подразбира и квалитетот на знаењето, а не само дисперзирањето во повеќе сфери, научни дисциплини и уметности. Полимат подразбира темелно, продлабочено знаење во повеќе области, а не глумење „универзален експерт“ што е позната појава во нашево време.“ (Мартиновски, 2018: 12)

Ако случајно некој се сомнева дека претерувам кога велам дека Владимир ако не го достигнал, ама барем опасно се приближува до овој идеал, сигурна сум дека внимателното читање на книгата „Поетски (ре)визии“ ќе ги отклони сите дилеми. Во секоја од 33-те студии, осврти или огледи, Мартиновски зборува за поезијата како постојано преиспитување, за поетските визии и начините на кои творечкиот чин повикува на креативни визии и читателски ревизии. Притоа, секоја страничка е проткаена со неговата врвна ерудиција, со интердисциплинарен, темелен и систематски пристап кон секоја поединечна тема за која размислува, со извонредно детален увид во опусите на сите поети и нивните поетики, со неговиот отворен и објективен пристап, конечно со неговата трајна восхитеност од поезијата.

А таа поезија, низ критичката призма на Мартиновски, е ревизија на естетското и етичкото, митското и мистичното, светото и духовното, на Истокот и Западот, на музиката, сликарството и другите уметности, на интеркултурните проникнувања… И сите тие проникнувања тој ги лови патувајќи низ времето и просторот, од античките трагедии преку Шекспир и де Сервантес до современите македонски автори, од средновековниот фрескопис до Глигор Чемерски, од јапонскиот архипелаг на поезијата до филмовите на Питер Гринавеј, од Кобајаши Иса до Матеја Матевски, од Јан Скацел до Блаже Конески итн.

Мартиновски добро знае дека „Уметноста е чедо на дијалогот, секој нов уметник нужно влегува во „муабет“ како со своите современици, така и со претходниците.“ (Мартиновски, 2018: 72), па влегува во творечки дијалози со македонските поети од различни генерации и поетски традиции.  Во посебни осврти од книгата тој ги следи творечките изблици на убавото во поезијата на Гордана Михаилова-Бошнакоска, Зорица Петкоска, Ристо Лазаров, Влада Урошевиќ, Сузана В. Спасовска, Иван Џепароски, Кипријан Слепчански, Катица Ќулафкова, Науме Радически, Јован Павловски, Бранко Цветкоски, Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Стефчо Стефанов, Јосип Коцев и други автори. Тука се и неговите видувања на чешко-македонските и словачко-македонските книжевни и културни односи, потоа аспектите на ароманската и ромската поезија, како и бројни сведоштва за интермедијалните односи меѓу поезијата и другите уметности. Повеќе од сѐ, тука е уметноста што плени со својата префинетост, длабока рефлексивност и емотивност, тука се естетските и филозофски константи на современата македонска поезија, тука се поетските ерупции, искуства, светови, пораки…

Во еден од своите осврти Мартиновски ни говори за Јапонија, каде поезијата се перцепира како нешто што е битно за паметење, нешто што треба да биде зачувано за идните поколенија. Кога сакале да остават зад себе нешто вредно, јапонските владетели, наместо да градат палати и споменици, неретко нарачувале да се состават поетски антологии, кои се чувале како врвни артефакти за едно време. Токму во таа линија „Поетски (ре)визии“ од проф. д-р Владимир Мартиновски ја доживувам како книга што ја презервира во меморијата поезијата која се создава сега и овде, за да остане како заокружен и заслужен национален сертификат за пеењето, мислењето и љубењето.

 

проф. д-р Ана Мартиноска

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s