Кон „Радио“ на Љупчо Јолевски, или: Видеото не ја уби радио ѕвездата

jole

Книгата Радио е импресивен текстуален и сликовен запис на речиси четириесетгодишната работа на Љупчо Јолевски, новинар, водител и уредник во низа редакции, работа која започнала некаде во осумдесеттите години на минатиот век. Во овој период, Љупчо со културата не се занимава само професионално, преку редицата осврти на културни настани и интервјуа со културни работници кои можат да се најдат на овие речиси осумстотини страници. Тој не е само долгогодишен соработник на медиумите кои последниве четириесет години во ôд ја следеа македонската културна историја, како што беа Млад Борец, Радио Телевизија Скопје, Македонското радио, Канал 103, ревијата Екран, Нова Македонија, дневните весници Дневник и Време, Радио Равел и Радио Слободна Европа. Тој не е професионално, студено дистанциран од она што го работи. Напротив. Не постои човек кај нас кој на еден или друг начин бил во допир со културата, а притоа да не го сретнал Љупчо, да не се запознал или да не позборувал со него. Тој е своевиден култен лик, сеприсутен посетител на културните настани, но пред сѐ љубопитен дух, искрен вљубеник во културата и нејзин познавач. Сето ова го прави ретка ѕверка, не само на нашиов простор, туку и пошироко, оти тој е петтиот елемент — живата, духовна сила која продолжува да ги движи културните вредости преку нивно активно забележување и архивирање.

Моите констатации во претходниов пасус не се ниту избразни, ниту претерани, ниту накитено куртоазни, ако се земе предвид дека делото што го подготвил Љупчо е тешко и обемно — тоа има повеќе од 160 негови авторски текстови. Тие се поделени тематски, во донекаде лабави рамки, на осум дела: Звуци, Ритми, Зборови, Сцена, Подвижни слики, Бои и форми, Фото и Мостови. Текстовите во нив се шаренолики — некаде тие се куси осврти на актуелни настани (изложби, театарски претстави, концерти, филмски проекции), а некаде подолги класични интервјуа, пред сѐ (но не и исклучително) со домашни културни дејци. Во некои текстови тој ги одбележува значајните манифестации или награди во македонската култура, како наградата Димитар Митрев, Роман на годината, Европската награда за книжевност, наградата Трајко Прокопиев, но и Поетска ноќ во Велестово, Проаза, салоните на ДЛУМ, Скопскиот џез фестивал. Некаде пак, текстовите се сублимирани доживувања на разговорите што авторот ги имал со своите соговорници, најчесто со повод, најчесто за нивните последни дела. Секако, треба да се има предвид и тоа дека во најголем дел ова се новинарски текстови, пишувани под притисок на роковите (ограниченото време), но, за жал, и на ограничениот простор кој медиумите вообичаено ѝ го даваат на културата. Соочен со ваквиот (работен) контекст, авторот тука од една страна морал да покрие широк тематски и жанровски спектар, а од друга страна во овие тесни рамки требало да ја смести и информацијата за делото, да го скицира ликот на авторот, но и да го пренесе своето видување и за делото и за авторот. Нешто за кое треба многу вештина, професионално и животно искуство

Токму затоа, воопшто не е претерано да се каже дека оваа книга на Љупчо е искучително значајна за тековниот македонски општествен миг на повеќе нивоа. Од една страна, таа е скапоцена архивска граѓа со која се забележуваат развојот и трендовите во современата македонска култура. Ова е особено важно бидејќи од нашиот медиумски простор во последнава деценија неповратно и без трага исчезнаа повеќе печатени и електронски медими, а со нив и редица вредни текстови од областа на културата. Затоа, книгите како оваа на Љупчо или оние на неговите колеги Тони Димков, Катерина Богоева, Ивана Тасев, Ана Јовковска (овие двете последни се и застапени во книгава) се суштински важни за зачувување на културната меморија. Од друга страна, оваа книга функционира и како прирачник со примери за тоа како може и како треба да се напише еден новинарски текст на тема култура: на пример, како може да се зборува за актуелни настани во момент кога „дојдовме до тоа сѐ да е политичко“, како што велат од Бернајс Пропаганда. Или, како со една поетска реченица може да се опише она што го работеше Зоран Маџиров – „тој ја најде музиката онаму каде што пред него никој не се обиде да ја побара“.

Меѓутоа, можеби најважната лекција што Љупчо ни ја дава овде е дека ниеден новинар не е преголем џомба за ниеден културен настан. Овој искусен, начитан и прошетан новинар културата ја покрива без комплекси — иако музиката секако му е најголемата љубов, книгата изобилува со текстови и за ликовната уметност и за книжевноста и за театарот и филмот. Луѓето за кои пишува се ветерани, како Влатко Стефановски, но и млади уметници кои се речиси на маргините на мејнстрим културата, како Рап шампионите од Шутка. Пораката е јасна — новинарот живее со културата и ја сака, па сака таа љубов да ни ја пренесе, без да суди, без да пресудува на ниеден друг начин освен преку изборот на тоа за кого и за што ќе пишува.

Пред четириесетина години, во времето кога Љупчо почнал да работи, англискиот њу вејв бенд Баглс (The Buggles) го сними својот албум „Доба на пластика“ (The Age of Plastic, 1979), на кој се наоѓа и нивниот тогашен најголем хит „Видеото ја уби радио ѕвездата“ (Video Killed the Radio Star). За тие што се родени подоцна: стиховите на оваа песна се обраќање кон поранешен радио водител, полни со носталгија за периодот пред технолошкиот напредок и со разочарување од новите генерации кои не умеат да го ценат минатото. Иако оваа книга е насловена Радио, иако таа доаѓа во едно време во кое технологијата наметнува екранизиран, брз и плиток пристап кон општествените феномени, а особено кон културата меѓу нив, таа секако докажува дека видеото не ја помрачило ѕвездата на нејзиниот автор. Напротив, оваа книга и визуелно и содржински втемелува стандарди кои се на сосема друго ниво и неизбежно будат почит со својата строгост и универзалност.

Елизабета Баковска

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s